30-дневен притвор за 24 од осомничените за трагедијата во Кочани

Основниот суд Кочани им одреди 30-дневен притвор на 24 од вкупно 27 осомничени лица опфатени во истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која животите ги загубија 59 лица, а 195 се повредени.

Меѓу лицата за кои е одреден притвор во времетраење од 30 дена се и тројцата градоначалници на Кочани, градоначалникот на Кочани во заминување Љупчо Папазов и неговите претходници Ратко Димитровски и Николчо Илијев.

Кочанскиот градоначалник и двајцата претходни Ратко Димитровски и Николчо Илијев беа приведени во четвртокот вечерта.

30дневен притвор му е одреден и на ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во ова Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу. Во одделна постапка во врска со трагедијата, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои веќе им одреден 30-дневен притвор.