30 дена протвор за осомничените од Платежната агенција

Кривичниот суд го прифати предлогот на ОЈОГОКК и одреди мерка притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев и за уште три лица, како и куќен притвор за петтосомничената.  

Кривичен суд Скопје

„Судија на претходна постапка, по произнесување на петтемина осомничени, кои попладнево беа спроводени во судот, донесе решенија со кои за : Џ.Н., А.Ф. Ф.Ф. и И.С. го прифати предлогот (на ОЈО ГОКК нз.) и на сите четворица им определи мерка притвор од 30 дена заради постоење на основите од точките 1,2 и 3 (од Законот за кривична постапка), односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото. За петтоосомничената Ј.К. Судот го прифати променетиот предлог на Јавниот обвинител за определување мерка куќен притвор.“

Ваквата одлука доаѓа откако петте осомничени лица, вчера беа лишени од слобода во вчерашната акција спроведена Истражниот центар на ОЈО ГОКК и МВР, а Обвинителството побара притвор. Според акцијата на МВР и обвинителството, постои основано сомнение дека првосомничениот сторил  кривично дело Давање поткуп и кривично дело Давање награда за противзаконито влијание, додека три лица како посредници сториле кривично дело Примање награда, а едно лице сторило кривично дело Примање поткуп. 

Гоце Андреевски-портпарол во МВР

„Првоосомничениот - управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок - парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.“

Јавниот обвинител оценил дека се исполнети условите за определување на мерка притвор.

ОЈОГОКК

„Иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50 000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.“

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска потенцираше дека ваков тип на девијантно однесување е голема штета за општеството. 

Христијан Мицкоски-претседател на Влада на РСМ

„Јас во некоку наврати сум кажал дека таков тип на девијантно однесување нема да се толерира и откако претходно имаше дојави за таков тип на девијантно однесување се случи таа акција. Од овој момент па понатаму случајот е во рацете на Обвинителството, судовите.“

Директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев кој сега е лишен од слобода, пред извесен период во Студио 10 на Тв 24 ги уверуваше граѓаните дека нема место за сомнеж при добивање одреден грант. 

Илија Стоилев-                                                               

„Сакам да кажам дека ние сме контролирани перманентно како агенција.

-Врски фаќање нема значи?

Граѓаните да немаат сомнеж дека има субјективизам или дека некој може да добие одреден грант врз основа на нечие пријателство.“

Во минатото, Илија Стоилев, бил претседател на Советот на Општина Свети Николе во два мандата, директор на Народниот музеј во градот, раководител на подрачна единица на Министерството за земјоделство, како и претседател на Комисијата за воведување и предавање во владение на договори за закуп на земјоделско земјиште.