30 дена притвор за тајниот сопственик на „Рубикон“ Александар Нацев

30 дена притвор за Александар Нацев, сопственикот на Агенцијата “Рубикон” Предлог најава Мерка притвор во траење од 30 дена му одреди Основниот суд - Кочани на Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубрикон“ која ја обезбедуваше дискотеката „Пулс“ за време на трагедијата, а сепак немала склучено договор за обезбедување.

Ова дополнително ја “разгори” политичката сцена, на која опозициските партии бараат оставка од Владата на Мицкоски. Новинар Александра Митрева Снимател Никола Наковски 

Мерка притвор во траење од 30 дена за Александар Нацев, реален сопственик на фирмата „Рубикон“, која без договор ја обезбедувала дискотеката „Пулс“. Тој е осомничен со проширување на истрагата за трагедијата во Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, а притворот доцна ноќеска го изрече Судот во Кочани, потврдуваат оттаму за ТВ 24. 

Според информациите ТВ 24, притворот е доделен поради опасност од бегство, но и влијание на сведоци и уништување на докази. Нацев на денот на несреќата преку фејсбук статус негираше вина за случајот и тврдеше дека некој сака да го намести. Нацев е член и  дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, за време на власта на Груевски.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска  на прашање на ТВ 24 околу апсењето на неговиот сопартиец, но и барањата за оставки кои дојдоа од дел од родителите, рече дека Владата се бори да има одговорност и правда, за да не биде „како до сега“. Тој посочи дека МВР асистира на обвинителите, а упати критика до политичките партии кои, според него, се обидуваат да собираат политички поени од трагедијата.

Од ГРОМ пак сметаат дека е потребно друга влада која ќе има повеќе разбирање за болката на овие граѓани и од таму бараат обештетување на настраданите, но и оставка од Мицкоски.

„Предлагаме актуелните владетели да се обидат да придонесат кон деескалација на состојбите, и тоа Владата на Република Македонија предводена од Христијан Мицкоски веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и ВМРО-ДПМНЕ да даде нов мандатар за состав на Влад. Новата Влада на Р. Македонија да донесе одлука со која на секое семејство од загинатите ќе им исплати 500.000 евра како мал надомест за големата болка и затоа што дел од родителите не се ни способни веќе за работен ангажман.“ - ГРОМ.

Инаку, извори од Основното Јавно Обвинителство за ТВ 24 брифираат дека обвинението за огромната трагедија веќе се крчка, а во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и понатаму останува отворена истрагата за полицајците кои кобната ноќ биле во дискотеката на смртта.