27 откази во Комунална хигиена, Скопје се уште се „дави“ во ѓубре
Откази од ЈП Комунална хигиена добија уште 27 вработени, кои за тоа дознале синоќа доаѓајќи трета смена на работа. Меѓу отпуштените има и вработени кои учествуваа во блокадите пред претпријатието.
Дел од нив денеска ги добија отказните решенија. Велат дека отказите се неправедни, а работниците само ги барале правата за К-15, бенефициран стаж и повисоки плати. Правдата велат ќе ја бараат по инситуционален пат.
Образложението на директорката на претрпијатието пак зад која застана и градоначалничката Арсовска е дека станува збор за вработени кои што земале плата од претпријатието, а не се појавувале на работа. Дел биле и трајно отселени од државава.
Случајот со комуналното претпријатие го истражува и обвинителството, до каде се пристигнати неколку пријави. Оттаму ги повикуваат надлежните институции да извршат проверки и да достават соодветни поднесоци за сите кривични дела што ќе ги откријат.
Министерот за внатрешни работи вели дека ако се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави.
Еден вработен кој нападна неколку свои колеги кои работеле во реонот Гази Баба веќе заработи кривична пријава. Скопје и денеска се гуши во смрдеата од сметот околу контејнерите. Граѓаните револтирани. Бараат итно решавање на проблемите во градот.
Во случајот со комуналното претрпијатие ќе постапува и Инспекторатот за труд. Оттаму велат дека ги очекуваат пријавите кои треба да ги достави Сојзуот на синдикатите. Инспекторатот во изминатиов период веќе има изречено две прекршочни глоби за претпријатието заради несиплатен регрес и неисплатен новогодишен надоместок за вработените.