24 тема: Истрагата за надзорот на „Бехтел и Енка“ тежок 22,3 милиони евра заглавена во МВР, фирмата која ја критикуваше Мицкоски вклучена и во „градски воз“

Истрагата за контроверзниот тендер тежок 22,3 милиони евра за надзорот за градењето на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ заглавена во МВР.

Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за ТВ 24 велат дека се уште ги чекаат извештаите од полицијата. Оттаму потенциирата дека обвинителот кој што го води предметот дури и праќал ургенции до МВР.

ОЈО ГОКК 

- По наредби на предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК, МВР презема дејствија во врска со предметот за кој покажувате интерес. Со оглед дека станува збор за подолг временскиот период во кој постапуваат службите во МВР, јавниот обвинител упати низа ургенции со цел поскоро добивање на извештаите по наредбите и расветлување на случајот.

Од МВР не откриваат кои активности ги преземаат и каде е заглавена работата, само кратко порачуваат дека се анализираат документи, по што допрва ќе следеле проверки. 

МВР 

- Во врска со вашите прашања ве известуваме дека од страна на ОЈО ГОКК добиена е наредба за преземање на дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи. Дел од проверките се веќе извршени, и во тек е анализа на целокупната документација, а дел од проверките треба да се преземат по завршување на анализата со цел добивање на релевантни факти кои се од значење за целосната предистрага.

И додека се чини  за случајот со скандалозниот избор на ИРД за надзор на Бехтел и Енка, кој ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицксоки го критикуваа жестоко како опозиција, јавноста ќе почека за одговори.  

Конзорциумот кој беше карактеризиран како скандалозен и контроверзен од опозиционерот Мицкоски, сега е добар за неговите функционери . 

ИРД учествува во надзорот на проектот „градски воз“ Информацијата за ТВ 24 ја потврдува и Синиша Ивановски директор на железници и инфраструктура. Но, како лошиот надзор кога беа опозоција сега е добар - Ивановски вели дека ИРД учествувале само во еден дел. 

Синиша Ивановски- директор на ЈПЖИ Железници на РСМ

- Компанијата ИРД е ангажирана од страна на јавното претпријатие по претходно спроведена тендерска постапка. Согласно законот за јавни набавки, секоја компанија која учествува на тендерите во државата, треба да достави документ за неосудуваност. Оваа компанија има доставено таков документ и согласно законот за јавни набавки компанијата има право да учествува на тендерски постапки во државата.Вкупната вредност на договорот е 45 000 евра.

Емисијата 360 степени во своите истражувачки стории посветени на надзорот на Бехрел и Енка објави дека зад надзорот стојат, пред сè, домашни фирми како подизведувачи, од кои компанијата со најголем број инженери „Електра солушнс“, до неодамна била фирма за шиење долна облека, а таа добила најголем дел од 22,3-милионскиот тендер за надзор на автопатиштата, кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Фирмата „Електра солушнс“ добила 8,3 милиони евра, додека „Евро консалтинг“ на Бранислав Димитријевиќ, за кого има обвинение во Ерменија, 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони евра одат кај „ИРД Инженеринг “од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“ се предвидени 400.000 евра.