24 сторија: Старите куќи со уникатна архитектура се распаѓаат
Foto

24 сторија: Старите куќи со уникатна архитектура се распаѓаат

Властите не се грижат доволно за културното наследство, кое го губиме на штета на идните генерации, смета велешкиот градоначалник Аце Коцевски, откако две куќи со стара велешка архитектура паднаа, а уште две се во фаза на паѓање, по невремето кое минатата недела го зафати Велес. 

Една од куќите, онаа на семејството Тапанарови најверојатно ќе ја снема засекогаш. Таа е евидентирана како културно наследство, но никогаш не била прогласена за споменик на културата. По ова, општината ќе бара од сопствениците да ја урнат. Ако тие тоа не го сторат, локалната самоуправа ќе го направи тоа. Но, со тоа Велес ненадоместливо ќе изгуби драгоцено богатство од познатата стара велешка архитектура.

Бавноста на процедурите, но и недостигот на стручен кадар е еден од најголемите проблеми, за квалитетна и брза заштита на културното наследство. 

Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, пандемијата на коронавирусот дополнително ги забавува работите. Тоа е и причината што се уште не е почната обновата на куќите на Паунови и Маневи заштитени со закон во месноста Варналиите, кои пред Нова година целосно изгореа во пожар.

Но, Коцевски вели дека и законската регулатива е недоречена.

Викендов е најавено ново невреме и дождови. Тоа одново ги разбуди стравовите на соседите, чии куќи се наоѓаат веднаш до руинираните објекти.

За само осум месеци Велес изгуби четири куќи со драгоцено културно наследство, а уште две се во фаза на распаѓање. Градските власти велат дека во лоша состојба се и други објекти со архитектонско наследство. За апсурдот да биде поголем, Велес е градот во кој се наоѓа седиштето на Асоцијацијата на македонски градови со архитектонско наследство.

0 Коментари

Остави коментари