24 сторија: Сопругот на починатата Сава Таневска го тужи лекарот во Гостивар
Сопругот на 63-годишната Сава Таневска од Гостивар, која по преглед од двајца доктори за само четири часа почина, го тужи докторот Јусуф Јакупи од Интернето одделение во општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, за како што стои во кривичната пријава, неукажување на лекарска помош.
Никола Таневски во телефонски разговор за ТВ24 вели дека иако трае се уште надзорот на здравствениот инспекторат, тој паралелно смета дека случајот не мора да добие судска разрешница.
Телевизија 24 го контактираше и докторот Јусуф Јакупи од интерното одделение во Гостивар, против кого е поднесена кривичната пријава, но тој посочува дека ќе го почека извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, па потоа ќе го коментира случајот со починатата пациентка.
Од здравствениот инспекторат, кои излегоа на терен, откако ТВ24 ја објави сторијата, велат дека надзорот се уште трае, бидејќи се врши инспекција во повеќе здравствени установи, кај матичниот лекар, во амбулантата во Маврово и во гостиварската болница.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат иницираше вонреден инспекциски надзор во болницата во Маврово, каде пациентката прво е прифатена, како и во општата болница во Гостивар и кај матичниот доктор на пациентката. По завршување на истиот, ќе информираме за заклучоците“ - велат од Државен санитарен и здравствен инспекторат.
ТВ24 објави дека 63-годишната гостиварка починала откако и се слошило и со градна болка најпрво била третирана во приватна амбуланта во Маврово, а потоа и во гостиварската болница.
Сопругот на почината Сава, го обвини лекарот од гостиварската болница дека одбил да се координира со мавровскиот доктор и дека Таневска ја третирал од промаја и ја пратил дома без да ја хоспитализира.
Докторот Јакупи пак во писмен допис до ТВ24 порача дека биле испочитувани исте протоколи и дека било превземено се, а пациентката била стабилна.