24 сторија: Скопјанец останал и со оштетен вид и без правда
Отишол на операција за катаракта, но му го згрешиле диоптерот на леќата, па до денешен ден ги чувствува здравствените последици. Славољуб Манев од Скопје раскажува за голготата низ која поминал во здравствените но и судските лавиринти, откако во 2018-та година отишол на операцијата за катаракта.
Манев вели дека уште од старт се соочил со проблеми, прво околу термините за операција. Иако му рекле дека итно треба да се оперира, немало термин, освен на приватно. Платил за да го оперираат на приватно, но наместо да му се подобри, состојбата му се влошила.
„Сите доктори тврдеа дека тоа е голема грешка и дека не можам да гледам и дека постои можност да се извади погрешната леќа и да се вгради нова леќа, ја прифатив и таа операција, но и при втората операција повторно ме згреши пак ме стави во минус и повторно не можев да гледам. За да ја намали штетата ми предложи да ме прати во приватна болница и тој да ја плати сумата, но на денот кога требаше операција да се направи ми пушти само половина од сумата. Ја направивме корекцијата но и до ден денеска се помалку гледам со окото и имам главоболки.“ - вели Манев.
Манев одлучил да ја тужи болницата. Предметот се влечкал со години, притоа никој од офталмолозите не се нафатил да направи медицинско вештачење, а на крајот судот пресудил во корист на болницата.
- Бев оптимист дека ќе го добијам случајот, затоа што сите адвокати со кои што се консултирав викаа дека сум во право, но сите предмети што се водат во Македонија во кои поединец ја тужи државата се изгубени предмети.“ - вели Манев.
Од болницата велат дека нема да коментираат се додека траат судски процеси и фактот што Основен суд пресудил во нивна корист е доказ дека немало лекарска грешка.
„Нема да коментираме се додека траат судски процеси, но фактот што Основен суд пресудил во наша корист е доказ дека немало лекарска грешка.“ - велат од ГОБ Осми септември.
Манев вели дека не бил изненаден што го изгубил спорот и не очекувал дека ќе добие некаква отштета, затоа што е уверен дека ваквите случаи кога се во прашање тешко се расветлуваат, но и покрај тоа не се откажува, одлуката на првостепениот суд ќе ја обжали на Апелација од каде очекува поинаква пресуда.