24 сторија - Еден ден во затвор
Велат никогаш не знаеш вистински да ја цениш слободата, се дури не ја изгубиш... Првата ноќ во притвор е најтешка.
„Како е првиот ден ме прашуваш? Од светло кога ќе те стават во темница, ќе ти се помрачи и плафонот" – вели еден од затворениците.
Само една вечер во Шутка ви остава траги за цел живот. Таа не се опишува, без да се доживее. Вака ќе ви речат оние кои одблизу ја искусиле.
„ Си мислиш само што ќе ти се случи, го чекаш адвокатот еден вака вели друг онака, и само си мислиш си правиш математики во глава..” - опишуваат затворениците.
Притворот е најболната точка на Шутка. На расторение од неколку чекори, тука лежеле и по десетина затвореници. Дел од нив тука остануваат години, па дури се молат да бидат осудени, за да добијат затворска соба, која после притворот им доаѓа како хотел.
“Капацитетот е 340 легла, но во минатото сте читале и вие според сите меѓународни извештаи, имало ситуации кога до пред деетина година биле сместени 480 лица во овие капацитети. Во моментот капацитетот е исполнет со 80 проценти, функционираме најнормално..“ - вели директор на затворот Шутка, Ѓоко Котевски.
Познатите имиња за јавноста не ги сретнавме на овој доручек. Поранешните функционери појадуваат во Хашките притворски одделенија.
Деновите во затвор минуваат бавно, па сите наоѓаат своја занимација.
„Во управата на затворот беа доделени уверенија за столарски занает. Како што може да забележите не стои дека овие вештини биле стекнати во затвор туку во училиште...“ - вели раководителот на секторот за ресоцијализација, Марјан Joшевски.
Во слободното време, едни жедно го пијат секој сончев зрак, други го разубавуваат затворот.
„Се што гледате овде е донација..А затворениците сами ги реновираа тоалетите“ - вели директорот на затворот.
Ако останете во Шутка, сте имале среќа, бидејќи Идризово е посебна приказна.
Најозлогласените делови во Идризово, се затворени по наредба на Европската Унија. Надлежните велат голема услуга им направи последната амнестија, бидејќи скоро половина од затворениците беа пуштени на слобода. Сепак, и натаму е гужва.
(Како живеете тука осумнаесет души?) „Еве како што не гледате..На некој му смета ова на друг она, се караме..ама пак како семејство сме.. Не му е гајле на никој дека тука сме осумнаесет души. Еден прозор еве се гушиме. Нема ни доктор ни јадење ништо.“ - се жалат затворениците.
Три крила од овој тип, со над двесте затвореници ги чува по еден полицаец во смена, кој работи за плата од триста и педесет евра, и опрема стара со години. А тоа создава совршени услови за корупција.
„ Ако имаш пари има се има, и дрога и алкохол и телефони, со пари тука, се ќе имаш" – вели еден од затворениците.
Надлежните пак, тврдат се е под контрола.
„Сведено е на минимум тоа, и ако се дојде до такво нешто ќе има реперкусии врз самите вработени и затвореници. Такво нешто сведено е на минимум" - вели Боби Мојсоски - директор на казнено-поправен дом Идризово.
Поради недостиг на кадар, раководството не можело да ги отвори ниту новите затворски објекти градени по европски стандарди. И денеска стојат полупразни, бидејќи за да стигнете до таму, мора да одлежите третина од казната во стариот затворен дел на Идризово. Сепак, и во новите простории, се живее со слични проблеми.
„Тука нема ни заболекар еве види како сум потечен. Зошто не ми го направат, зошто да трпам јас болки јас сум дојден да ја лежам робијата и ќе ја лежам колку сум суден толку, ама зошто да живеа со болки." - се пожали еден од затворениците.
Директорот на Идризово лично им вети на дел од затворениците дека ќе најде решение на нивните проблеми, сепак вели не е се во негови раце.
„Ние гледаме да соработуваме сепак затврениците се наша грижа, но во делот на набавка на лекови тоа е под надлежност на здравствен дом Скопје." - вели Мојскоски.
За решавање на аномалиите во казнено-поправниот систем, надлежните најавуваат крупни промени.
“Тука пред нас е мапата на најголемата инвестиција на Република Северна Македонија во однос на затворскиот систем, се одлучивме објектот кој што е нов истражен центар со капацитет од 612 легла наместо да биде во тесен простор во Шутка, каде што и самите сме свесни дека се создава гужва со асистенции нервоза итн, да го дислоцираме и да го ставиме надвор од населено место кај КП Идризово каде што има огромен простор да се направи една огромна безбедносна зона. - вели Јовица Стојановиќ директор на Управа за извршување санкции.
Измена на урбанистички планови, нови проекти и тендери..За Шутка и Идризово да заличат на вистински казнено-поправни установи, ќе треба време и пари. Дел од затворениците можеби ќе ја видат промената, барем оние кои се осудени на повисоки казни, иако ќе ви речат дека дури и да е хотел со пет ѕвезди се би дале за само еден ден на слобода.

