24 анализа: Зошто состојбите во правосудството се такви за да нè критикуваат држави кои нè поддржуваат
Во струшкиот суд комисии од Јавното обвинителство и Судскиот совет ги преиспитуваат обвинителите односно судиите кај кои имало предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Ставањето на Мерко на „црната листа“ на САД отвори многу прашања поврзани со правосудниот систем во земјава.
- Кога кај нас се зборува за судството се упатува кон судиите, но не се тука само тие туку во системот се обвинителите, адвокатите, нотарите и извршителите. Многу институции се вплеткани, а не си ја вршат својата работа, вели поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Цаца Николовска вели дека Институтот за човекови права одамна и многу ги мониторира правосудните институции и генералниот заклучок е дека многу малку се внимава на коректно спроведување на законите. Што се однесува до разрешувањето на правосудните органи, страшно е префрлањето на надлежноста или молчењето на органите оти се доаѓа до заклучок како да не се сака да се решат состојбите, вели поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур.
-Ние не сакаме да ни се мешаат ама сакаме пари да земаат. Странците даваат многу пари за правосудството но не бараат отчет на вистински начин. Кога ќе побараат отчет ние тоа го толкуваме како мешање во внатрешните работи, вели адвокатот и поранешен судија Валентин Зафиров во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Тој вели дека нам ни треба нешто како „стечаен управник“ за државата и додава дека се страшни притисоците врз судиите и семејствата на судиите од политичките и другите моќници.
- Ние треба да почнеме да објавуваме имиња. Дали ПИМ мерка може да се примени без налог на судија и судијата да не го знае тоа? Секако дека не може, но таквите судии напредуваат, вели Зафиров.
Адвокатот Александар Новаковски во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 вели дека по она што го видовме што се случува во Судскиот совет најдобро е тој да се распушти и со право реагираат од холандската амбасада.
-За мене, искрено, холандскиот амбасадор со изјавата дека помошта е стопирана но не е укината, укажува дека имаат волја да ни помогнат да создадеме добар правосуден систем, но дека сега како што стојат работите не се добри и ни го кажа тоа директно, вели Новаковски, a во врска со реакцијата на австрискиот амбасадор во однос на штета што ѝ е направена на австриска фирма, Новаковски за ТВ 24 вели дека тоа не е единствен случај во Македонија.
Новаковски вели дека сите во правосудниот систем имаат свој дел од вината, но дека тој лично не може да понесе туѓа вина на луѓе кои упорно се држат до фотелјите.