24 анализа: Од каде ќе се најдат 300 милиони евра во ребалансот?

Министерствата, државните агенции и останатите буџетски корисници веќе почнаа со испраќање на финансиската документација во Министерството за финансии каде се подготвува ребалансот на буџетот.

Се прават последните пресметки, од каде треба да се крати и во кои институции треба да се додадат пари за до крајот на годинава. Проценките велат дека околу 300 милиони евра треба да бидат прерспределени од првичниот план на буџетот.

Економистот Абил Бауш за ТВ 24 вели дека овој ребалас е повеќе од потребен на новата влада, бидејќи потребно е да се направи еден пресек, и да се утврдат приоритетните проекти во моментов.

„Ме изненадува тоа што веќе се инвестира во локалните самоуправи. Никако не успеавмед да направиме некоја голема реформа, да ги самооддржиме тие општини. И потоа тие да себеси да си креираат приноси за за да може да работат, тоа не успеавме да го направиме. Разбирам да се инвестира во општини кои не се развиени, но како може на сите општини да им се даде.“ - вели Абил Бауш Економист.

Само ефикасно потрошени државни пари може да обезбедат бенефит за државата. Универзитетскиот професор Борче Треновски во интервју за Телевизија 24 вели потребно е да се направи целосна промена на расходниот план, и тоа не само за годинава – туку за еден среднорочен период. Народните пари мора да се вложуваат во столбовите на државата.

„Во здравството може да се направи истиот аутпут кој сега го имаме со 27 проценти помалку расходи. Во образованието, може да ги намалиме за 25 проценти расходите а да го направиме истиот аутпут. Кај капиталните инвестиции е уште подраматично. Половина од тие средства може да ги заштедиме.“ - вели Борче Треновски универзитетски професор.

Информациите велат дека дупката во буџетот изнесува 350 милиони евра, односно толку пари недостасуваат за трошење за проекти кои се предвидени за годинава. Дел од овие средства треба да се обезбедат со нови задолжувања а дел со преструктуирање на парите.

Она што засега е познато е дека со прекројувањето на државната каса треба да се обезбедат околу 100 милиони евра за проекти на локално ниво кои што ќе бидат финасирани со пари од централниот буџет. Дополнително, треба да се обезбедат и пари за најавеното зголемување на пензиите, но и до крајот на годинава ќе требаат пари за нормално функционирање на новите министерства. Најмногу на удар ќе биде ставката во буџетот „разни трансфери“ од каде ќе се земат најногу пари а кои беа предвидени со буџетот за 2024 година. А на удар ќе бидат и капиталните инвестиции кои не се започнати или се одвиваат со слаба динамика.

Овој ребаланс би требало да биде завршен и изгласан во собранието најдоцна до првата недела од август.