24 анализа: Јавниот долг на работ на ризик

Аларм за долгот. Не е криза, но ризикот расте, предупредуваат експертите. Според нив, треба да бидеме внимателни, бидејќи сме во доменот на ризик.

Според универзитетскиот професор Борче Треновски, клучна не е само висината на долгот, туку способноста тој да се сервисира. Тој предупредува дека вкупните годишни финансиски потреби за отплата и рефинансирање веќе влегуваат во зона на зголемен ризик.

СДСМ вчера обвини дека Владата за три месеци се задолжила со 700 милиони евра и дека долгот достигнал рекордно ниво. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека станува збор за манипулации и дека задолжувањето е во рамки на проекциите.

Според Треновски, долг од околу 60% од БДП изгледа умерен, но не и за мала отворена економија како македонската. Клучни се вкупните трошоци за негово сервисирање, кои веќе се приближуваат до зона на повисок ризик, особено при влошени глобални услови.

Иако побаравме став за обвинувањата од опозицијата, од Министерство за финансии до овој момент, одговор не добивме. Јавниот долг на земјава е околу психолошката граница од 60%. Според буџетските проекции, до крајот на годинава Владата планира повторно да се задолжи.