24 анализа: Дали ќе има уставни измени по денешната лидерска средба?

Факт е дека на денешната лидерска средба меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема ништо против уставни измени. Тие практично држеа тензија со месеци. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски рече дека тоа не било речено баш така туку дека побарале уставни измени со одредени услови, вели Миле Талевски од СДСМ во емисијата „24 анализа“.

- Владата прави една мобилизација за да го зграпчиме моментот за почеток на преговорите со ЕУ, вели Талевски.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека на денешната средба се разбиени две лаги - првата е дека мнозинство во Собранието нема, а втората лага е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против ЕУ, пторуска и врзана со Левица.

- Напротив, ние досега имавме предложени три проевропски модели. Сега нашиот став е да се заштитиме како нација, а под вакви околности какви што сега постојат уставни измени нема да има оти ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи, вели Андоновски.

Советник на премиерот за евроинтеграции Исмет Рамадани вели дека Мицкоски избрзува во своите ставови а потоа бара начин како да ретерира оти му реагираат и прозападните структури во неговата партија.

- Тој прифати да влезе во власта откако Ковачевски му понуди пет министерски места само да се изгласаат уставните измени. И ДУИ доби многу оти барањето на Мицкоски ДУИ да излезе од владата ќе им донесе гласови на ДУИ на следните избори. Трета работа е одложеното применување на уставните измени, вели Рамадани.

Предлогот на Рамадани е Мицкоски заедно со сродните странски десничарски партии да осмислат некаков предлог кој би бил нешто слично како гаранција за да може безбедно да ја промени својата политика.