235 лица истовремено земале и пензија и социјална помош - во 2024-та биле исплатени над 14.5 милиони денари спротивно на законските одредби

Над 14,5 милиони денари биле исплатени спротивно на законските одредби во системот на социјална заштита во текот на 2024 година, покажува најновиот Извештај на Државниот завод за ревизија, кој нотира низа пропусти, недоволни контроли и сериозни слабости во работењето на надлежните институции.

Според Извештајот, 235 корисници истовремено користеле пензија и права од социјална заштита, иако тоа е спротивно на законските одредби.

Ревизорите посочуваат дека една од главните причини за пропустите е нефункционалната размена на податоци меѓу Центрите за социјална работа и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. 

Извештајот покажува и други неправилности, во кои единаесет лица добиле право на социјална сигурност за стари лица без да ја исполнуваат законската старосна граница.

Во дел од случаите социјална помош била одобрувана без целосна документација, без непосреден увид во домаќинствата и без редовно преиспитување на правата.