23 години од убиството на 10 припадници од резервниот состав на армијата во заседа од „ОНА“ кај Карпалак
Ердован Шабаноски, Веби Рушидоски, Марко Деспотоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Љубе Грујоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски и Нане Наумоски, се имињата на десеттемина македоснки резервисти кои беа убиени на 8.08.2001 година, во заседата на ОНА.
23 години подоцна на местото на свирепата погибија останува само немо да сведочи плочата со нивните испишани имиња, патем неколку обновувана поради нејзино насилно отстранување.
„23 години од маскрот кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово. 23 години откако конвојот на АРМ беше запрен во заседа и беа убиени десет прилепски армиски резервисти.“
Според сведоштвата, колоната возила со 120 лица од резервниот состав на армијата, со задача да одат на тетовското боиште, наидуваат на заседата поставена од тогашната ОНА кај Карпалак. Врз армиската колона бил отворен жесток оган од куршуми, минофрлачки гранати и проектили од рачни фрлачи на ракети. Еден минибус полн со храбри припадници на армискиот резервен состав бил погоден со ракета и почнал да гори.Ова е случување кое претходеше на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001г., за чие време на преговарање се изгубија неповратно повеќе човечки животи.
Во спомен на убиените, денеска владина делегација, предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, делегации од претседателот на државата, АРМ, политички партии и здруженија, положија цвеќе, а свештеници од МПЦ одржаа панихида. Присутни беа и семејствата на убиените, како и преживеаните бранители од Прилеп. И оваа година, повторно ставија акцент за негрижа од страна државата кон нив и иронична благодарност до државата.
„Ќе изразам благодарност до Владата, затоа што има преголема грижа за нас и за загинатите. За загинатите се гледа како се грижат, тоа е чудо, а за нас живите уште полошо. Последен чин е да не' прогласат за терористи, да не' осудат затвор. Дали личи на место каде се полагаат цвеќиња на загинати. Овде треба врховниот командант да дојде, ние сме Армија, немојте со заменици, со претставници. Централната прослава од Прилеп да се премести тука. Ова е местото каде треба да се чествуваат.“ - вели Јордан Трајкоски-Здружение на резервни воени обврзници, учесници во воениот конфликт 2001 год.
На овој грозоморен чин на само десетина дена пред тоа, претходеше жестока заседа врз сили на единицата Тигри. „Насилно, без сопирање, со многу избушени гуми, Тигрите со голема брзина се пробивале низ заседата на УЧК“, вака Стојанче Ангелов, бранител и лидер на „Достоинство“, се наврати 23 години наназад, на она што се случувало неколку денови пред убиството на десеттемина воени резервисти кај Карпалак.
- На самиот крај на јули 2001 година на повик за помош, вод специјалци од Тигрите итно упатив кон Тетовско да извлече опкружена мала полициска единица. Командантот на Тигрите Горан Здравковски беше надвор од државата во набавка на специфично оружје. Во моментот кога колоната борбени возила на Тигрите навлегла во месноста Карпалак врз нив бил отворен жесток оган од куршуми, минофрлачки гранати и проектили од рачни фрлачи на ракети (РПГ). Во тој момент јас, иако триесетина дена претходно тешко ранет во Арачиново, се наоѓав на своето командно место во касарната Илинден.Командирот на вод, херојот Васко Стамевски ми се јави на телефон и силно викајќи, за да можам да го слушнам од пукотниците кои одекнуваа од слушалката на мобилниот телефон, ме извести дека влетале во заседа на УЧК. Сите 4 митралесци од Тигрите жестоко распалиле кон позициите на УЧК со што ја намалиле нивната прецизност. Насилно, без сопирање, со многу избушени гуми, Тигрите со голема брзина се пробивале низ заседата на УЧК. - вели Стојанче Ангелов- „Достоинство“.
Јордан Трајкоски, еден од преживеаните вели дека државата години наназад не се покажала заштитнички кон нив. Вели дека немаат никакви права и не можат да извадат ниту едно барање дека биле учесници во конфликтот.
„Не знам дали има некој паметен во државава да размисли што со нас? Оние што имаа по 20 години, сега се возрасни мажи по 40 години и нивните деца пораснаа. Немаме образование, ниту здравство, вработување, не дај Боже да споменам за стан. Срамота е. Јас немам ништо против Албанците, секоја чест, но тие кои ја нападнаа Македонија ги имаатсите бенифиции. Јас како човек во години, не можев да отидам на бањско лекување, земам 14.000ден. Пензија. 23 години државава наша, од македонска страна ја водат глуви, еднаш да не' слушнеа и да не' прашаа.“ - вели Трајкоски.
Актуелниот заменик министер за труд и економија, како дел од воениот конфликт, Марјан Ристески уверува дека ќе настојува во Владата да се направи конечно достојно спомен обележје.
„Овие луѓе треба да бидат запишани со златни букви, во македонската историја, меѓутоа и голема почит за сите бранители од 2000/2001 година, кои застанаа да ја бранат својата татковина. Би упатил апел и како дел од Владата, јас ќе настојувам, да има навистина достојно спомен обележје, во чест на овие десет загинати прилепски бранители.“ - вели Ристески.
На споменикот прилепски Карпалак, положи цвеќе делегација на Собранието. А чествувањата традиционално и оваа година почнаа ден претходно со оддавање почест пред споменикот на паднатите резервисти во касарната „Мирче Ацев“. Во чест на загинатите градот изгради и верски храм „Света Петка“.