23 дена од тетовската трагедија се уште не се знае кој е одговорен за пожарот
При крај биле извештаите од форензичарите коишто треба да ги утврдат причините за пожарот во тетовската модуларна болница каде живи изгореа 14 лица.
Животот продолжува, политичарите се активни во предизборните кампањи, вели премиерот Зоран Заев, па час поскоро го очекува извештаите за да го каже својот став околу понудените оставки на министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, и директорите на тетовската болница.
Во тетовското обвинителство денеска пристигна извештај од оделот за криминалистичка техника при МВР од увидот што го направиле во опожарената модуларна болница, а истиот сега ќе се анализира од страна на обвинителите.
- Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика. - велат од ОЈО.
Обвинителите пак кои работат на истрагата добиле заислување од четворица нивни колеги од вишото обвинителство од Скопје и Гостивар за евентуална консултација доколку обвинителите кои постапуваат имаат потреба од тоа.
Од извештаите на германските форензичари, пак ни трага ни глас. Никој не знае кога ќе пристигнат нивните анализи од увидот кој го направија во опожарената болница... До овој момент во обвинителството не е пристигнат нивниот извештај, ниту пак во Министерството за внатрешни работи. Тв 24 побара одговори директно од федералната канцеларија за криминалистичка полиција за тоа кога би требало да пристигнат извештаите од нивните форензичари но отаму кратко ни одговорија :
- Федералната канцеларија за криминалистичка полиција беше побарана од македонската влада за поддршка во врска со пожарот во македонскиот град Тетово.Не можеме да ви споделиме дополнителни информации. - велат од Федерална канцеларија за криминалистичка полиција на Р. Германија.
Во пожарот во тетовската модуларна болница на 8 Септември, животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.

