22 години по Рамковниот договор - дали го издржа тестот на времето, дали е унапреден соживотот?!
Војната во 2001 година беше непотребна, правата кои Албанците од Македонија денеска ги уживаат ќе ги добиеа и на мирен начин. Поранешниот генерал Стојанче Ангелов кој беше директен учесник во воениот конфлик пред 22 години, за ТВ 24 вели дека ова е неговиот став кој повеќе од две децении е непроменет.
Наместо жртви, повредени, раселени се можеше да се реши без војна, а таа не врати 20 години назад, додава Ангелов.
„Охридскиот договор е завршена работа, одамна е потпишан, спроведен е до крај, дури јас лично сметам дека албанците добија и нешто повеќе од тоа што беше предвидено со овој договор, и треба да бидеме внимателни затоа што доаѓаме до една фаза во која ние македонците но и останатите граѓани и дел од албанците веќе стануваме многу чувствителни на одредени дразби од некои мали политички фактори во државата кои ги злоупотребуваат меѓуетничките односи. За да добијат дневно политички поени.“ - вели Ангелов.
За Павле Трајанов Охридскиот рамковен договор не ја исполни целта. Наместо подобрување на соживотот, во Македонија сега вели тој секоја етничка заедница си живее со таканаречени гета и не се гледаат интересите на сите граѓани подеднакво. Трајанов смета дека рамковниот договор повеќе никој не го почитува а најмалку албанската етничка заедница а особено ДУИ. Трајанов вели дека се злоупотребува балансерот, не се води сметка за соодветна и правична застапеност.
„По 10 години апсолутно нема да е битно дали со Македонец, Албанец, Турчин или итн, дека Охридскиот догорор ќе обезбеди кохезија, внатрешна стабилност, што тоа апсолутно не го обезбеди, туку не подели по етничка основа. Сега ние сите сме поделени во сопствените етнички гета. Нема најава дека ќе се негуваат осн овните човекови права.“ - вели Трајанов.
Аналитичарот и универзитетски професор, Мерсел Биљали за ТВ 24 вели дека ако сакаат партиите да се мерат по патриотизам тогаш нека ја погобрат економската и социјалната состојба на граѓаните. Денеска вели Биљали нема простор за славење, бидејќи најголемиот дел од младите одлучија индината да ја бараат во западно европските држави.
„Клучен сегмент на едно општество е економијата, најголем патриотизам е економијата, вработувањето, социјалната благосостојба. Ако тоа го немаме другото е гол патриотизам што никого не му треба.“ - вели Биљали.
На денешен ден пред точно 22 години во претседателската резиденција во Охрид беше ставен крај на воениот конфликт во Македонија со потпишување на Рамковниот договор. Свој потпис на договорот ставија тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Целиот процес го следеше и меѓународниот фактор, а свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.