210 милијарди евра руски средства се замрзнати во Европа

Руската Централна банка поднесе тужба во московскиот суд -  бара 200 милијарди евра отштета од белгискиот депозитар за хартии од вредност „Еуроклир“.

Ова е првиот чекор на Кремљ, откако пред 3 дена најави суров одговор, за планот на ЕУ да ги замрзне руските пари на неопределено време.

Руските медиуми пренесуваат дека портпаролот на московскиот Арбитражен суд, порачал дека Централната банка поднела барање за вкупно 18,2 трилиони рубљи отштета, што е еднакво на 195,5 милијарди евра и дека Централната банка потоа ќе одлучи како да ја спроведе секоја пресуда против средствата на „Еуроклир“, откако одлуката ќе стапи на сила. Официјална Москва претходно порача -  дека сите директни и индиректни обиди на ЕУ за користење на замрзнатите руските средства се целосно илегални и во спротивност со меѓународното право и дека го нарушуваат суверениот имунитет на државните средства. 

Тужбата против Еуроклир се случува во пресрет на Самитот на ЕУ во четврток, кога се очекува дебата на ЕУ,  за замрзнатите руски средства да се искористат како заем за Украина - да ги покрие нејзините цивилни и воени буџетски потреби за 2026 и 2027 година. 

Вкупно 210 милијарди евра руски средства се замрзнати во Европа. Огромното мнозинство од средствата, од крајот на септември - се чуваат во Euroclear, белгиската финансиска клириншка куќа.  Белгија, каде што се наоѓаат повеќето средства, е загрижена за судските спорови и можна одмазда од Русија и е против овој план на Брисел. 

Бројката на земји -членки на ЕУ кои го делат ставот со Белгија постепено се зголемува. Против се изјаснија и Италија, Малта, Бугарија и Унгарија, а се очекува на предлогот да се спротистави и Словачка откако словачкиот премиер Роберт Фицо испрати писмо до претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, каде многу јасно изјави дека нема да поддржи никакво решение на ЕУ за финансиските потреби на Украина, што вклучува покривање на воените трошоци за наредните години.

На самитот на ЕУ во четврток, се очекува и украинскиот претседател Володимир Зеленски да им се придружи на шефовите на држави од ЕУ, иако засега останува нејасно дали ќе отпатува во Брисел -од безбедносни причини.

По почетокот на конфликтот во Украина, ЕУ и земјите од Г7 замрзнаа речиси половина од руските златни и девизни резерви, кои изнесуваат приближно 300 милијарди евра.