19-годишниот Јани од Неготино, ќе мора да се врати на лекување во Македонија, бидејќи секнаа парите за лекување во странство
Ќе се враќа на лекување дома 19-годишниот Јани Иванов од Неготино, момчето кое пред две години повреда на `рбетот го врза за кревет? Донациите за лекување во болница во Грција секнуваат, а неговите родители не можат сами да го плаќаат месечниот трошок од 10 илјади евра.
Васил и Донка се загрижени, оти третманот што нивниот син го добива во Грција, домашните институции го немаат. Од друга страна, државата одби да го плати третманот во странство, бидејќи за неа тоа не е лекување, туку рехабилитација, а според законот, за ова Фондот не покрива трошоци во странство.
Набргу по несреќата, Јани се врати на лекување во земјава. Но, за неговите родители тоа било хорор. Наместо подобрување, поради несоодветните услови, Јани добил огромна декубитна рана на грбот. Иванови не сакаат детето да си го вратат дома како инвалид, туку да го застанат на нозе. Затоа, се решаваат на свој трошок да го сместат во болница во грчка Лариса. Еден месец таму ги чини околу 10 илјади евра. Парите се собираат од донации, а напредокот кај Јани е огромен.
Иако претходниот министер за здравство јавно вети дека Јани ќе добие државен третман во странство, тоа не се случи, а Илир Демири замина од функцијата. Иванови ја искористија посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Неготино за да му се пожалат. И Мицкоски им вети дека случајот ќе се реши.
Во меѓувреме, Васил и Донка тешко врзуваат крај со крај. Поради честите патувања во Грција кај синот, мајката на Јани ја загубила работата, а таткото добива државна надокнада, која законски им следи. Младиот Јани е вљубеник во велосипедизмот. Имал желба да вози тура од Неготино, до Солун и Воден, па назад. Но, само неколку дена пред да тргне, во јули 2022-та, го задесува несреќата. Сега е на потег државата. Од неа зависи дали ова дете повторно ќе добие шанса да седне на велосипед.