19 години Рамковен договор
Foto

19 години Рамковен договор

Физичките рани одамна се излечени ама духовните се' уште печат, особено тагата по загинатите животи на бранителите и оние кои останаа живи ама со трајни последици по нивното здравје, вели живиот сведок од воените полиња, генералот Стојанче Ангелов, деветнаесет години после потпишувањето на Охридскиот рамковниот договор со кој беше ставен крај на војната во Македонија во 2001 година.

А универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски еден од пишувачите на Охридскиот рамковен договор безмалку две децении подоцна вели дека договорот во основа е договор кој гради, а не разградува држава и скоро целосно е реализиран особено во делот на донесување на потребните закони. Тој оценува дека ваквиот договор се темели врз принципи на инклузивност кои и понатаму важат, но сепак во остварувањето на договорот се направени неколку грешки. 

Фрчкоски тврди дека покрај злоупотребата на договорот за тесно-партиски интереси, ДУИ со последните изборни ветувања и барања му нанел директен удар на Охридскиот рамковен договор. 

И Насер Зибер актуелниот кандидат на ДУИ за премиер и поранешен сведок на потпишувањето на договорот се согласува дека истиот е речиси целосно реализиран, но не се согласува со Фрчкоски дека предизборните барања за унапредување на правата излегуваат од рамките на договорот затоа што, како што вели тој, мора да се има во предвид и духот на самиот договор. 

Зибери вели дека токму духот на Рамковниот договор е неговата суштина која треба да обезбеди еднакви можности за сите. 

А лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој годинава сам ја прослави годишнината од договорот меѓудругото изјави дека 13 август е историски ден за сите граѓани на државата.

„Овие заеднички постигнувања се постигнувања за сите Албанци и за сите граѓани на Република Северна Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци… затоа што над се доби нашата заедничка држава, доби мир, стабилност, сигурност, хармонија и доверба помеѓу заедниците дека во оваа земја може да има иднина, дека во оваа држава може да се живее и може заеднички да живееме“ - рече Ахмети.

Пред деветнаесет години на денешен ден е потпишан Охридскиот рамковен договор на кој му следеше донесување на повеќе од 130 закони и други правни акти од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, а 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како дел од Владата кој беше укинат минатата година. Не негово место беше формирано Министерството за политички систем и односи со заедниците, а го предводи Садула Дураки. 

По повод 19 години Охридски рамковен договор тој денеска преку соопштение изјави дека овaa годишнина има уникатна карактеристика, поради фактот што како држава сме дел од НАТО, и токму поради тоа постигната е главната цел од Рамковниот договор, а тоа е прекинот на конфликтот од 2001 година и создавање на постојана безбедност на Македонија.

0 Коментари

Остави коментари