15-то јубилејно издание на Македокс од 15-22 август

Од 15 до 22 август во Скопје ќе се одржи петнаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Овогодишното издание е посветено на архивите, за кое од „МакеДокс“ велат дека е скапоцено наследство што нè претвора во времепловци како ретко што друго.

„Толку е скапоцено што доволно е да отвориме очи за да се наежиме, да начулиме уши за да засолзиме или, пак, да ги брцнеме прстите за да посакаме од него да создадеме нешто ново. Да пресоздадеме сеќавања, да раскажеме поинаку – за да разбереме подобро. Но и за да се разбереме самите, без страв дека најверојатно ќе нè заплисне носталгијата, толку сложена, ама и лековита и подготвени да нè обземат надежта и поривот за промена“, велат од „МакеДокс“.