12 годишник уби врсник и тешко рани уште двајца малолетници во училиште во Финска

Дванаесет годишно дете загина, а две се тешко ранети во пукање во основно училиште во градот Вантаa во близина на главниот град на Финска Хелсинки. Осомничениот за нападот е уапсен и го признал делото.

Од полицијата соопштија дека и жртвите и осомничениот се малолетни лица на возраст од 12 години. Финската министерка за внатрешни работи изјави дека ова застрашувачки ден.

„Можам само да ја замислам болката и загриженоста низ која минуваат многу семејства. Осомничениот напаѓач е уапсен“, рече Мари Рантанен министерка за внатрешни работи на Финска.

Осомничениот за пукањето бил уапсен на северот на Хелсинки и при апсењето имал огнено оружје со себе.

„Осомничениот го признал делото. Дозволата за пиштолот што го носел му била издадена на негов близок роднина, а мотивот за делото се уште се истражува.“ - велат од полицијата.

Финскиот премиер Петери Орпо на социјалната мрежа Х објави дека е длабоко шокиран од пукањето во Ванта.

„Моите мисли се со жртвите, нивните најблиски и другите ученици и вработени.“ - изјави Орпо.

Вантаа има околу 250.000 жители и е дел од пошироката област на Хелсинки. Во училиштето работат околу 90 луѓе, а настава посетуваат околу 800 ученици. Учениците во Финска поради Велигден не одеа на училиште во петокот и понеделникот и денеска беше првиот работен ден по празникот.