12 години затвор за Стојанче Јовановски - виновен е и за смртта на Ивана и малата Катја

12 години затвор за Стојанче Јовановски, виновен за загрозување на сигурноста, нанесување телесни повреди при семејно насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана која на 2 март почина при пад од балкон заедно со нивната 6 годишна ќерка Катја.

За сите три кривични дела Јовановски е прогласен за виновен и за сите доби маскимална затворска казна. Судијата Ивица Стефановски при изрекувањето на казната рече дека овој случај отворил јавна дебата за околностите што довеле до трагедијата но и влијаел врз свеста за сериозноста на семејното насилство и потребата од заштита на жртвите.

Ивица Стефановски, судија 

- Судот на обвинетиот Стојанче Јовановски за кривичното тело телесна повреда од член 130 став 2, став 1 од КЗ му утврдува казна затвор од 5 години. За кривичното дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3, в став 2, вв став 1 од КЗ му утврдува казна затвор од три години и за кривичното дело наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од КЗ му утврдува казна затвор од 5 години. Со примена на правилата на одмерување на казната за дела сторени во тек содржани во член 44 од КЗ го осудува на единствена затворска казна од 12 години. 

Обвинителката во овој случај Адела Бојчевиќ по изрекувањето на пресудата рече дека иако судот даде максимална казна за Јовановски, сепак казнената политика во случаи каде семејното насилство резултира со самоубиство треба да е построга и да се подобри. 

Адела Бојчевиќ, обвинителка

- Во однос на кривичното дело наведување на самоубиство каде имаме загуба на човечки живот би сакала да искоментирам дека казнената политика не соодветствува на последицата што ја имаме во вакви случаи. Посебно што прв пат имаме случај на проширено самоубиство а не самоубиство. Сметам дека тоа треба да биде предмет на поширока анализа од страна на правните експерти и изготвувачи на закон во насока на построга казнена политика.

Адвокатката на семејството на Ивана, Неда Чаловска пак рече дека во Македонија првпат се изрекува  казна за наведување на самоубиство при вршење семејно насилство. И со тоа се испратило порака дека семејното насилство нема да се толерира.

Неда Чаловска, адвокатка на семејството на Ивана 

- Овој предмет е јасна порака дека семејното насилство нема да се толерира. Значајно е тоа што за првпат од она што ние го имаме како информација имаме пресуда за наведување на самоубиство поради семејно насилство и ова е голем чекор кој треба да се следи заради тоа што во случај на самоубиство државните институции треба да истражуваат дали било поради долготрајно семејно насилство како што беше во овој случај. 

Според обвинението, насилството врз Ивана почнало уште во 2022 година кога Ивана му го отстапила својот дел од станот во Тафталиџе. Од тој момент Стојанче почнал и физички и психички да ја малтретира. Ситуацијата ескалирала во 2025 година кога тој почнал да ја тепа и на јавни места, пред сведоци но и пред нивната 6 годишна ќерка. Ивана низ текот на годините пријавувала во полиција но ги повлекувала пријавите поради страв.

На трагичниот ден во март годинава, Јовановски на повеќе локации во Скопје пред сведоци ја тепал Ивана и со тоа создал состојба на тешка психоза, вознемиреност, страв и безизлесност која пак довела до самоубиството.