118 години од смртта на Гоце Делчев
Foto

118 години од смртта на Гоце Делчев

На 118 годишнината од смртта на идеологот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, пред неговиот гроб во црквата Свети Спас почит му оддадоа делегации од кабинетот на претседателот, собраниска, владина делегација и претставници на политички партии и здруженија.

Претседателот Стево Пендаровски на Фејсбук објави кратко, 118 години од смртта на водачот на македонското револуционерно национал-ослободително движење. Премиерот Зоран Заев исто така на фејсбук напиша дека името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја како синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност. 

„Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, го чествуваме како инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација која се бореше за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава“. - истакна Заев.

Ако Гоце Делчев денес беше жив, сигурно ќе беше прогласен за антизападен, ќе беше скандализиран, омаловажуван, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

„Зошто? Затоа што тој е сѐ што денешната власт не е. Огледало на нивниот недостаток на морал, недостаток на патриотизам и љубов кон Македонија. Затоа од неговото име се плашат и денес. Затоа што Делчев пред сѐ е љубов, патриотизам, пркос, слобода. Тој е најдобриот син на Македонија!“ - изјави Христијан Мицкоски.

Амбасадата на Русија преку твитер се осврна на Гоце Делчев,  нарекувајќи го македонски народен херој. Бугарската амбасада во Скопје објави дека „традиционално, нивни претставници ја одбележале годишнината од смртта на, како што велат, бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Најтешката тема, за Гоце Делчев е на масата и на заедничката македонско -бугарска комисија за историски и образовни прашања.

На последната средба во април, темата Гоце Делчев воопшто не била отворена. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Останките на Делчев во 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

0 Коментари

Остави коментари