10 заразени со делта сој во земјава

Индискиот сој е потврден кај сите четири пациенти, кои вчера се водеа како суспектни. Еден од нив е во потешка здравствена состојба, другите се со полесни симптоми. Станува збор за два брачни парови кои патувале во странство. Со тоа, досега во земјава се потврдени вкупно 10 случаи со оваа мутација. 

Министерот за здравство вели дека скенирани се контактите на заразените и нема ризик од ширење, бидејќи пациентите биле навреме изолирани. Според податоците на здравствените власти, ниту еден од заразените со индискиот сој не бил вакциниран против ковид. 

Појавата на оваа мутација во земјава е очекувана, а веројатно е дека ќе стане доминантна и кај нас, вели министерот за здравство, но она што е важно е граѓаните масовно да се вакцинираат, бидејќи секоја вакцина штити и од оваа мутација, односно од развивање на тешка форма на болеста и од хоспитализација. 

Академик Димовски од лабораторијата на МАНУ каде се детектираат овие мутации, вели дека првичните сознанија покажуваат дека иднсикиот сој е позаразен, но не очекува дека ќе се случи таков силен бран како со британскиот, бидејќи сега има голем број на имунизирани и граѓани кои го прележале вирусот. Степенот на ширење - ќе зависи од мерките и од бројот на вакцинирани. 

Комисијата за заштита од заразни болести до крајот на неделава ќе одлучи  дали се потребни некакви рестрикции на границите и дали и Македонија ќе почне да бара негативен ПЦР тест, потврда за вакцина или за прележан КОВИД, за сите кои влегуваат во земјава. Засега не се размислува за карантин за оние кои доаѓаат од високо ризичните земји, каде иднсиката мутација е најраширена.