10 години борба, солидарност и промени: Јубилејната „Текстилијада“ започна во Штип
Штип од денес до трети октомври ќе биде место за идеи, разговори, култура и средби, со кои ќе бидат одбележани 10 години „Гласен Текстилец“ и 10 години „Текстилијада“.
Од денес започна јубилејното издание на „Текстилијада“, кое ќе понуди три дена исполнети со конференции, работнички сведоштва, културни и уметнички настани, младински активности и дискусии посветени на теми поврзани со работничките и женските права.
Организатор на „Текстилијада 10“ е здружението „Гласен Текстилец“, а годинава јубилејот е посветен на десет години работа, борба, солидарност и промени, со фокус на достоинствената работа, економското зајакнување на жените, работничките права и создавањето подобри услови за живот и работа.

