1.200 км. од Црно море, преку Охридско езеро до Драч за промоција на Коридорот 8 - рута на бугарскиот маратонец, Красимир Георгиев

Сврзаност за развивање на коридорот 8, е целта на бугарскиот ултрамаратонец Красимир Георгиев кој пред 13 дена тргнал од Варна, трчајќи поминал низ неколку бугарски градови, продолжил од Крива Паланка преку Скопје, Тетово, Кичево, а синоќа пристигна и во Охрид. 

Ултрамаратонот на Красимир изнесува 1.200 км, а последната дестинација му е Јадранското море или градот Драч. Со неговиот маратон сака да ја  подигне свеста кај локалните власти во Бугарија, Македонија и Албанија за потребата на развој на овој патен правец со цел олеснување на патувањето на луѓето што живеат на овие простори.

„Целта ми е да се развие овој Коридор, да зборуваме за коридорот 8, да се поврзат соседите и тоа преку спортот кој е главен амбасадор. Ние многу повеќе знаеме за некои подалечни земји, а не си ги познаваме соседите. Ние на Балканот треба да се запознаеме и да се поддржуваме. Денес сум во Охрид, град кој е дел од Коридор 8, од тука заминувам за Албанија, ќе поминам низ Елбасан, Тирана за да стигнам до последната точка од рутата, Драч. Со ова сакам да упатам порака до политичарите да се развие патниот правец, да може полесно и побрзо да стигнуваме од една до друга точка и да соработуваме. Ние сме соседи и мора да биде сврзани. Носиме документ со нас кој поминува низ Бугарија, Северна Македонија и Албанија, во него ќе се пишува за секоја земја одделно, а целта е истиот да стигне и до Европската комисија бидјеќи сакаме да се случи Коридорот 8“ - вели Красимир Георгиев.

При трчањето имал низа проблеми но вели нема откажување. Со својот тим носи вода од Црното море, ќе наполни од Охридското езеро, а ќе ја истури во Јадранско море во знак на заедничко сврзување.

„Имавме доста потешкотии. Да трчаш толку километри и толку време воопшто не е лесно. Имав проблеми со стомакот, па со коленото, но екипата е профеисонална и се справуваме со се. Имам 45 години и можам да се изборам сеуште” - додава Георгиев.

Красимир утринава го пречека и општинска делегација.

„Ова е порака и подвиг за пофалба и ние мораме да го сфатиме многу сериозно неговото мото“ - рече градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиевски.

Инаку Красимир Георгиев е познат бугарски ултрамаратонец кој досега има учествувано на некои од најтешките ултрамаратони низ светот како Бед Вотер во САД – 220 километри во т.н. Долина на смртта и Џангл Ултра 230 километри во Амазон. Минатата година тој трчаше на лента 36 часа во добротворни цели.